субота, 21. мај 2011.

Тодор Тоше Проески


Биографија


  • Родено име Тодор Проески
  • Познат и како Тоше
  • Роден 25 јануари 1981 Прилеп,Македонија
  • Умрел 16 октомбри 2007 Нова Градишка Хрватска
  • Жанр Поп, македонска народна музика, класична музика, рок
  • Занимавање пејач, композитор, изведувач на гитара, текстописец
  • Години активност 1996-2007














Рани години

Првите почетоци на музички план Тоше Проески ги прави уште во раното детство настапувајќи на детскиот фестивал „Златно Славејче“ во 1992 година со песната „Јас и мојот дедо“ испеана на влашки јазик. Тоше Проески ја започнува својата музичка кариера на фестивалот “Мелфест” каде во 1997 година победува со изведбата на Yesterday на Битлси. Истата година учествува и на “Макфест” со композицијата “Пушти ме". Тоше работи со еден од најпознатите македонски композитори и текстописци Григор Копров, соработка која ќе му донесе два од најголемите хитови Усни на усни и Сонце во твоите руси коси. Во 1999 година го издава својот деби-албум "Некаде во ноќта" кој содржи единаесет песни. Летото истата година, Тоше го одржува својот прв концерт, кој, и покрај дождот и лошото време, останува незаборавен за неговите обожаватели.
Во 2000 година Тоше учествува на “Скопје Фест” (од каде се избира македонскиот претставник на Евровизија) со песната "Солзи прават златен прстен" која, и покрај тоа што победува на теле-воутингот, на крајот го освојува третото место, зад Каролина Гочева и победнициите XXL. Во овој период почнува да ги снима и песните за својот втор албум “Синот Божји" кој е промовиран во јуни 2000 година. Албумот ќе даде голем број хитови во опусот на Тоше, како "Немир" (дует со Каролина Гочева), "Во коси да ти спијам", "Излажи ме уште еднаш", како и "Илузија" и "Тајно моја", две песни компонирани од Кире Костов, (со втората го освојува второто место на фестивалот "Сунчане скале" во Херцег Нови, Црна Гора).
Српската продукциска куќа “BK Sound” ги откупува правата за издавање на следниот албум на Тоше на просторот на поранешна Југославија, што пак ќе резултира со Оскар на популарноста на просторот на поранешните југословенски републики за 2000 година, како и со целосно распродани концерти во Скопје и Белград. Во 2001 година Тоше, заедно со неколку други македонски пејачи, отпочнува турнеја низ Австралија.

Ѕвездена слава

Откако минува одредено време заедно со својата нова менаџерка Лилјана Петровиќ снимајќи во студио во Атина, Грција, Тоше го пушта во продажба својот трет албум "Ако ме погледнеш во очи" на македонски и српски јазик. Следи период на интензивна промоција во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија. Во април 2003 година, Тоше победува на фестивалот "Беовизија" со песната "Чија си" која станува огромен хит во поголем дел од балканските републики.
Со цел да го подобри своето пеење, Тоше оди на часови кај маестро Вилијам Рајли во Њуjорк кој е в својата кариера е и учител на Лучијано Павароти. По враќањето, Тоше одржува низа хуманитарни концерти низ Македонија. Ја добива Хуманитарната награда Мајка Тереза а во 2003 година станува регионален УНИЦЕФ амбасадор.
Следната година МРТВ го избира Тоше за претставник на Евровизискиот настап кој се одржува во Истанбул, Турција. Во февруари, со помош на теле-воутинг, жири и лично мислење, избрана е песната Ангел си ти. Во април Тоше го издава албумот "Ден за нас", двојно це-де на кое се сместени осумте песни изведени на изборот за песна на Евровизија. Следниот месец, Тоше го освојува 14тото место со песната "Life", англиската верзија на “Ангел си ти”. Пред изборот, станува омилена личност меѓу репортерите, преку демонстрација на неговите инзворенди оперски квалитети на прес-конференциите.
Во 2004 година, именуван е за Амбасадор на Добрата Волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја снима песната За овој свет која има и англиска верзија - This World и која станува химна на УНИЦЕФ. Тоше потпишува договор со Dallas Records за издавање на неговиот следен албум во Хрватска и Словенија. Тоше ја снима “Krajnje Vreme” со словенската пејачка Ања Рупел. Во 2005, неговиот петти албум “По тебе” е издаден низ целата територија на поранешна Југославија. По тебе е сѐ уште еден од најуспешните албуми било кога издадени на Балканот - неколку недели останува на врвот на листите во Република Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина. Сингловите од овој албум пак, со месеци се задржуваат на највисоките места на музичките топ списоци во овие земји.
Неговиот следен албум - Божилак - е компилација на 14 избрани македонски народни песни пропратени од симфониски оркестар. Во 2007 година, Тоше го издава и Игри без граници - неговиот последен албум.
Неговиот последен концерт (уште еден во низата хуманитарни концерти) оддржан на 5 октомври 2007 година на градскиот стадион во Скопје беше посветен на ревитализација на македонското школство. На концертот беа присутни повеќе од 40.000 посетители.

Композитор и текстописец

Тоше Проески исто така се потврдува и на полињата на компонирањето музика. Има напишано неколку песни за себе - Има ли ден за нас?, Слушаш ли?, Малечка и Полско цвеќе. Во 2004, Проески ја компонира и Муза - голем хит за Мартин Вучиќ и наслов на неговиот следен албум. Во едно интервју, Тоше има речено дека има повеќе од 100 искомпонирани и напишани песни за кои чека прав момент за да ги издаде.

Победа на Беовизија

На 13 април 2003 година, Тоше Проески победи на првата Беовизија (фестивал на кој од 2004 година се избира српско-црногорскиот, а од 2007 само српскиот претставник на Евровизија). Тоше на Беовизија настапи со песната Чија си, на авторскиот тандем Леонтина Вукомановиќ и Жељко Јоксимовиќ, која на крајот имаше вкупно 75 поени, што беше дури за 29 гласа повеќе од второпласираната композиција.
Значењето на победата на Тоше беше голема пресвртница и значаен момент во неговата кариера, особено поради тоа што на фестивалот настапија мошне популарни екс-југословенски ѕвезди, а во стручното жири членуваа истакнати музички дејци. Искачувајќи се на сцената, уште еднаш да ја отпее победничката песна, Тоше Проески не пропушти прилика да ја спомне својата земја, истакнувајќи дека би било убаво доколку Македонија или СЦГ во 2005 ја организираат Евровизија.
Песната Чија си стана еден од најголемите хитови што Тоше ги испеа во целокупната кариера, песна која заедно со Тајно моја ја лансираше македонската мегаѕвезда директно во редот на најпопуларните изведувачи кај нашиот северен сосед и пошироко.

Тоше Проески на Еurovision Song Contest 2004

На 49-тото издание на Изборот за песна на Евровизија, Македонија ја претставуваше нејзината најголема музичка ѕвезда Тоше Проески. Тоше се претстави со песната Life, која всушност беше преработена верзија на оригинално избраната Ангел си ти.
Оваа песна беше избрана на 14 февруари 2004 година, во конкуренција со уште седум други песни од еминентни музички имиња, напишани специјално за Тоше.
Инаку, музиката и аранжманот на песната Ангел си ти се на Јован Јованов, а текстот на Илија Николовски. Оваа композиција беше убедливо најдобра, како според телевоутингот, така и според 11-членото жири, а најмногу му се допадна и на самиот Тоше.
На Изборот за песна на Евровизија, Тоше со својата моќна и енергична изведба како и со придружните вокали кои направија артистично шоу на сцената, успеа да се пласира од полуфиналната на финалната вечер. На финалната вечер, со освоени 47 поени се пласираше на 14-тото место.
Иако Тоше не беше задоволен од својот пласман, поради познатата соседска размена на гласови, како и поради самиот евровизиски концепт кој не бара врвни пејачки квалитети, туку акробации и жонглирање на сцена, сепак Македонците достојно ја пречекаа својата ѕвезда при враќањето од Истанбул во толкава бројност и толкава еуфорија, исто како Тоше да победил на Евровизија.